porcelanosa skopje plocki meditarraneo

10 клучни карактеристики на медитеранскиот стил во уредувањето на домот

Медитеранскиот стил го интерпретира домот преку светлина, природни материјали и поврзаност со околината.

Способноста да создаде топли, светли простори поврзани со нивната околина е една од главните карактеристики на медитеранскиот стил во ентериерното уредување. Далеку од тоа да биде само минлив тренд, овој пристап кон уредувањето се развива во современи, мирни и функционални ентериери.Во продолжение ви ги претставуваме десетте клучни карактеристики кои ќе ви помогнат да ја внесете суштината на медитеранскиот стил во секој дом.

Што го дефинира медитеранскиот стил во ентериерното уредување?

Медитеранскиот стил е инспириран од традиционалната архитектура и начинот на живеење во земјите покрај Средоземното Море. Тој не претставува само комбинација од декоративни елементи, туку се темели на принципи какo искористување на природната светлина, поврзување на внатрешниот и надворешниот простор, употреба на природни материјали и палета на бои инспирирана од медитеранскиот пејзаж.

Во современата интерпретација, овие вредности се комбинираат со порцелански површини со голем формат, керамички ѕидни плочки и современи технички решенија кои ја зачувуваат медитеранската естетика без да се жртвуваат функционалноста и издржливоста.

Основи на медитеранскиот стил

Иако секој дом може да го интерпретира на свој начин, медитеранскиот дизајн се темели на пет основни принципи:

  • Искористување на природната светлина.
  • Поврзување на внатрешниот и надворешниот простор.
  • Избор на материјали инспирирани од природата.
  • Инспирација од боите на медитеранскиот пејзаж.
  • Создавање едноставни, топли и безвременски простори.

Врз основа на овие принципи, медитеранскиот стил може да се прилагоди какo на куќа покрај море, така и на современ градски стан.

Како да создадете медитерански стил во вашиот дом?

Внесувањето на медитеранскиот стил во домот не значи едноставно додавање декоративни предмети. Станува збор за создавање хармоничен простор уште од фазата на планирање – од изборот на материјали и бои до начинот на кој ја користите природната светлина и го поврзувате домот со неговата околина.

1. Дизајнирајте имајќи ја предвид природната светлина

Светлината е вистинската почетна точка.

Големите прозорци, внатрешните дворови и отворените распореди овозможуваат светлината слободно да се движи од една просторија во друга. Тие исто така овозможуваат пејзажот визуелно да се поврзе со ентериерот.

Кога природната светлина е ограничена, таа може да се надополни со топло и индиректно осветлување. На овој начин се создава дел од пријатната атмосфера што ја носи сончевата светлина во доцните попладневни часови.

2. Поврзете го ентериерот со надворешниот простор

Во медитеранската архитектура, терасата е природно продолжение на домот. Таа не е одвоен простор, туку место каде што секојдневниот живот продолжува на отворено.

За да ја нагласите оваа поврзаност, користете усогласени материјали и завршни обработки. Природниот камен и керамичките материјали со изглед на камен или дрво овозможуваат единствен дизајнерски јазик на подовите, фасадите и надворешните површини.

Порцеланските плочки со противлизгачки верзии за надворешна употреба овозможуваат визуелно продолжување на подот од дневната соба или кујната кон терасата, со што границата меѓу внатрешниот и надворешниот простор станува помалку забележлива.

3. Изберете материјали инспирирани од природата

Каменот, дрвото и керамиката се составен дел од медитеранската архитектура бидејќи го поврзуваат домот со неговата околина.

Природниот камен внесува длабочина, карактер и суптилни варијации кои ја прават секоја површина уникатна. Од друга страна, порцеланските плочки со изглед на камен можат да го реплицираат изгледот на варовник, мермер и други минерални површини.

Нивната издржливост и лесното одржување ги прават практичен избор за дневни соби, бањи, кујни и надворешни простори.

4. Изградете палета на бои инспирирана од пејзажот

Боите кои доминираат во медитеранскиот стил се инспирирани од природата.

Песочните тонови потсетуваат на плажите и создаваат топла основа. Варовничките нијанси нежно ја рефлектираат светлината. Теракотата потсетува на глина и традиционалната рачна изработка, додека маслинесто зелената внесува допир на природата.

Сината боја може да се користи какo акцент преку текстил, декоративни предмети или мали ѕидни плочки.

Најважно е боите да создаваат природна хармонија и да не се натпреваруваат една со друга.

Нијансите на песок, камен, теракота и бела ги дефинираат материјалите кои ја доловуваат суштината на Медитеранот.

5. Дајте им значење на текстурите

Во медитеранскиот стил, текстурата е исто толку важна колку и бојата. Мат завршниците, суптилните релјефи и благо нерамните површини внесуваат визуелно богатство и создаваат поприродна и попријатна атмосфера.

Шарите и текстурите инспирирани од камен и дрво, во комбинација со различни завршни обработки, додаваат длабочина на површините. Начинот на кој природната светлина паѓа врз овие материјали прави нивните нијанси да се менуваат во текот на денот.

Токму тоа е една од карактеристиките на медитеранскиот стил – простори кои се менуваат заедно со светлината.

Овој стремеж кон материјали со карактер наоѓа нови форми на изразување и преку декоративни минерални површини какo UNDORA®, чии колекции се инспирирани од камен, дрво, теракота и текстил и ја менуваат атмосферата на просторот преку текстурата и светлината.

6. Изберете визуелно непрекинати површини

Визуелната континуираност помага просторот да изгледа поголем, помирен и поуреден. Затоа површините со голем формат се особено погодни за современиот медитерански стил.

Една иста завршна обработка може да се користи на подот и да продолжи на ѕидот, работната површина или кујнскиот backsplash, па дури и од ентериерот кон терасата.

7. Изберете декорација со цел

Медитеранскиот дом не треба да биде преполн со декоративни предмети. Неговиот карактер произлегува од пропорциите на просторот, светлината и визуелниот квалитет на материјалите.

Светилка од природни влакна, керамички предмет, дрвена маса или текстил во песочни тонови може да биде доволен за да ја комплетира просторијата.

Затоа, најдобро е да изберете помал број предмети, но такви кои имаат карактер, значење и визуелно присуство.

8. Дизајнирајте кујна создадена за дружење

Медитеранската кујна е, пред сè, место за дружење. Кујнските острови го нагласуваат овој социјален карактер, а истовремено помагаат во организацијата на различните функции и ја поврзуваат кујната со трпезаријата или терасата.

Работните површини од порцелан со изглед на природен камен овозможуваат создавање пространи и визуелно непрекинати површини.

Во комбинација со дрвени елементи, топли бели и песочни тонови, се создаваат светли, топли и гостопримливи кујни.

9. Претворете ја бањата во природно засолниште

Во бањата, медитеранскиот стил се изразува преку спокој, светлина и уредност. Површините со изглед на камен, светлото дрво и белите или песочните тонови создаваат релаксирачка атмосфера.

Мебелот за бања со чисти линии помага просторот да остане визуелно ненатрупан. Истовремено, заоблените и нежни форми го омекнуваат изгледот и внесуваат поорганско чувство.

10. Создадете балансирана спална соба

Спалната соба во медитерански стил зрачи со смиреност уште од моментот кога ќе влезете во неа. За да го постигнете овој ефект, користете умерена палета на бои, природни материјали и текстури пријатни на допир.

Подови со изглед на камен или дрво можат да се комбинираат со нежни ѕидни површини, природен текстил и мебел со едноставни форми.

Медитеранскиот стил во современиот ентериерен дизајн

Далеку од тоа да биде статичен стил, медитеранскиот дизајн продолжува да се развива заедно со архитектурата и современиот ентериерен дизајн.

Иновациите во материјалите и површините овозможуваат неговата суштина да се интерпретира на современ начин, притоа задржувајќи ја рамнотежата меѓу функционалноста, удобноста и природната убавина.

Затоа, медитеранскиот стил не е само тренд. Тој претставува безвременски начин на уредување и доживување на просторот.

Leave a Reply